И кај нас има ковид-тестови за пари во аптеките, но ќе бидат забранети

Во Грција од вчера се делат бесплатни тестови за коронавирус за сите граѓани како една од превентивните мерки за ширење на пандемијата.

Такви селф-тестови за ковид, има и во некои од скопските аптеки и се продаваат по цена од 560 денари. Фармацевтите велат дека има побарувачка, нои наскоро ќе бидат повлечени од употреба, дознава Фактор.

„Обично ги купуваат оние кои се сигурни дека имале контакт со заразен со корона вирусот. Некои од нив имаат симптоми, па поради неможност да закажат термин за ПЦР-преку матичен лекар, доаѓаат и купуваат брз селф-тест. Ги советуваме доследно да го следат упатството, има четири едноставни чекори и секој кој ги почитува правилно, може да си го направи тестот. Ваквите тестови имаат голема точност, дури до 98 проценти, а резултатот е готов по 15-тина минути, велат за Фактор од една од скопските аптеки.

Но, според Агенцијата за лекови, МАЛМЕД, продажбата на брзите тестови во аптеките не е дозволена, и како што ни изјави директорот Лирим Шабани, кажано им е да ги повлечат.

„Агенцијата за лекови јасно кажа ваквите тестови од аптеките да бидат повлечени. Има доволно брзи тестови и во болниците и во здравствените домови и граѓаните треба таму да ги прават. Ваквата слободна продажба може да биде меч со две острици. Граѓаните не се стручни сами да се тестираат, па многумина од нив може да бидат позитивни, но поради несоодветно правење на тестот, да добијат негативен резултат. Знаејќи дека се негативни продолжуваат да одат на работа, да се возат во јавен транспорт, такси, да влегуваат секаде и на тој начин се шири заразата. Значи, селф-тестовите кај нас не се дозволени“, вели директорот Шабани.

Голем дел од европските земји набавуваат брзи тестови, за домашна употреба, кои имаат клучна улога олабавување на карантинот.