И градоначалници на мали општини прават голем непотизам, си ја земал фамилијата на шетање

Примерот со една од најмалите општини во Македонија покажува дека и градоначалници на мали општини прават голем непотизам. Ваков случај според неговите соселани е првиот човек на општина Маврово – Ростуше кој си ја земал фамилијата на шетање во странство.

Градоначалникот Медат Куртовски, неговата сопруга и двете ќерки се дел од делегацијата на Општина Маврово и Ростуше која се наоѓа во посета на општината Маниса, во Република Турција.

Додека жителите на општина Маврово и Ростуше мака мачат со мечките, градоначалникот на Маврово и Ростуше, Медат Куртовски заедно со својата сопруга и двете ќерки на сметка на напатените граѓани, се наоѓа на прошетка во Турција, како дел од делегацијата од општина Маврово и Ростуше.

,,Овој пат непотизмот на градоначалникот Медат Куртовски е проширен и надограден. Покрај својот шура Емсел Шабани кој му е како приврзок на сите патувања на општинска сметка, ги има и сопругата и двете ќерки кои немаат никаква поврзаност со фоклорната група од ОУ Блаже Конески која зема учество на прослава во Маниса Р. Турција, имено и двете ќерки на градоначалникот не се ученички во ОУ, како и неговата сопруга која не е вработена во ОУ”, тврдат сопартијци на Куртовски од СДСМ кои се незадоволни што на место на други луѓе во Турција патуваат најблиските на градоначалникот.

Непотизмот на градоначалникот од СДСМ Маврово и Ростуше да биде целосен се погрижила и претседателката на советот на општината Теута Мирто која со себе си ја земала и нејзината ќерка како дел од делегацијата на општина Маврово и Ростуше која е во посета на Република Турција.

Ова не е прв пат СДСМ да се шета на општинска сметка на Маврово Ростуше, забележуваат соселани на градоначалникот и претседателката на советот кои се револтирани од нивното однесување и непотизам.