И Ципрас го одби мадатот за состав на влада

Лидерот на левичарската партија Сириза Алексис Ципрас во вторникот го отфрли мандатот за формирање коалициска влада во Грција, истакнувајќи дека се подготвува за предвремени избори во јуни по „болниот“ изборен пораз за неговата партија, јави Катимерини.

Денеска, Ципрас ѝ соопшти на претседателката Катерина Сакеларопулу дека е невозможно Сириза да формира коалициска влада.

„Немам причина да кријам дека изборниот резултат е болен шок, тоа беше неочекувано“, изјави Ципрас на новинарите пред претседателската палата, извинувајќи им се на поддржувачите на Сириза.

„Ја преземам целосната одговорност за овој резултат, но во мојот речник тоа значи став и борба“.

Конзервативната партија Нова демократија победи со 40,8 отсто од гласовите на изборите во неделата, додека Сириза беше на второ место со 20,1 отсто.

Но, актуелниоит грчки премиер Киријакос Мицотакис, лидер на Нова демократија, во понеделникот ја отфрли можноста да се обиде да формира коалициска влада, отворајќи го патот за нови избори на 25 јуни.

Без Нова демократија, опозициските партии немаат доволно места за формирање влада.

ПАСОК ќе добие и мандат да формира коалициска влада пред претседателот да назначи преодна влада која ќе управува со Грција до следните избори.