И бугарската опозиција како власта со тврд став кон Македонија

И најголемата опозициска Бугарска социјалистичка партија (БСП) застапува тврд став кон Македонија, кој не се разликува многу од тој на власта, на што наведува изјавата на претседателката Корнелија Нинова.

„Сметаме дека во овие преговори и во односите со Македонија Бугарија треба категорично да си ги заштити своите историја, национален интерес, историските личности и ако тоа не се прифати од другата страна, да се преземат мерки и да се изрази став“, изјави лидерката на наследничката на Бугарската комунистичка партија во интервју за тамошното Дарик радио.

„Ние потпишавме договор за добрососедство и соработка. Да се почитува тој договор. Се формира ли заедничка комисија за расчистување на спорните прашања меѓу двете држави? Се формира. Ги расчисти ли? Не. Додека не се расчистат, нема ни решение на тоа прашање“, додаде Нинова.