Настапот на Лепа Брена (викендов во Загреб) предизвика бура на социјалните мрежи откако 4 пензионирани хрватски генерали оценија дека со пеење на песната „Југословенка“ пејачката згазила на националното достоинство на Хрватска.
Брена одржа два концерти на 15 и 16 декември пред преполни сали, а од снимките се гледа и слуша како публиката заедно со неа ја пее токму оваа песна.
Но, тоа не им се допаднало на сите, пренесуваат хрватски медиуми.
Четворицата пензионирани хрватски воени генерали Иван Тоj, Иван Капулар, Маринко Крешиќ и Миле Цук реагирале со соопштение насловено „Национален срам во хрватската престолнина“.
Тие бараат државните власти да преземат мерки и да утврдат за секоја јавна личност, без разлика дали станува збор за српски пејач или за врвни српски функционери, дали учествувале и во некаква форма на агресија, како што велат, против Хрватска.
Според нив, на концертот се виореле југословенски знамиња со ѕвезда петокрака, пренесе Хина.
„Кој е одговорен за оваа бламажа среде хрватската престолнина? Кој си игра со нашето национално достоинство? Кој ја изложува на потсмев нашата тешко освоена држава?“, се вели во изјавата на пензионираните воени генерали.