Иван Бродиќ, главен уредник на порталот EnergyPress.net, кој се занимава и со геополитика, „констатира смрт“ на Република Македонија благодарејќи на „анационалната левица“.

„Убија две муви со еден удар – не само што ѝ октроираа ново име на една држава, спротивно на референдумската волја на нивната политичка нација, туку успеаја да го укинат целиот политички народ. Националната држава стана аморфна маса на територијата на која живеат граѓани во генитив. Имено, само до пред неколку часа постоеше земја која Република Хрватска, заедно со повеќе од стотина држави на светот, ја призна под нејзиното (до денес) уставно име. Оттаму, можеме да кажеме дека Република Македонија, родена на 8 септември 1991 година, почина на 11 јануари 2019 година“, пишува хрватскиот аналитичар во написот објавен на порталот „Директно.хр“ пред 15 дена, кога македонското Собрание го ратификува договорот од Преспа.

Со оглед на актуелноста, имајќи го предвид синоќешното изгласување на договорот и во грчкиот Парламент, текстот го пренесуваме во целост.

„За уставните промени, врз основа на договорот на ‘северномакедонскиот’ премиер Заев (кој во Солун минатата година изјави дека не се чувствува Македонец, туку граѓанин на светот, и тоа во градот што граѓаните на Северна Македонија повеќе нема да смеат да го нарекуваат со словенското име во службената комуникација) со Ципрас, гласаа сите собраниски пратеници на СДСМ, сите албански партии и осум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои со тој глас истргуваа слобода по затворањето поради мирните антивладини протести.

И инаку, премиерот Заев, кој дојде на власт со неуставно конституирање на Парламентот (немаше мнозинство од 61 пратеник за конституцијата, туку 59), предизборната кампања ја спроведуваше по пат на протести што го добија името ‘Шарена револуција’ поради исклучителната потреба од за уништување на скопските фасади со разноразни бои, а кои ги финансираше американскиот филантроп Џорџ Сорос и неговата фондација ‘Отворено општество’.

Иако би можеле да кажеме дека овие уставни промени и промената на името на државата се нужен компромис за да запре тридецениската блокада на на влезот во евроатлантските институции, токму во тоа се крие првото подметнување. Имено, не е Македонија виновна за невлегувањето во наведените институции, бидејќи тоа е земја која на Балканот беше прва подготвена за влез во НАТО, а поддршката за влез во ЕУ до пред десетина години беше поголема од 80 проценти. Дерогирањето на поддршката, институционалните проблеми и свртувањето на еден политичар (сега пештански азилант) кон Русија, всушност, е последица на нерационалната грчка блокада, а не причина.

Блокадата настана и покрај уставните одредби на тогаш сè уште Република Македонија за неаспирација на нејзиниот киднапиран егејски дел. Многу веројатно како страв од поради геноцидот врз Македонците извршен во Егејска Македонија во 1948 и 1949 година.

Другото подметнување на луѓето што го оправдуваат денешното починување е во договорот што спротивно на Охридски мировен и рамковен договор од 2001 година го постигна Зоран Заев со потписниците на Тиранска платформа. Имено, Охридски договор одреди, поради загриженоста од нови етнички судири, по 2001 година власта секогаш да ја формира победничката партија на двата конститутивни народа.

Тиранска платформа тоа го прекрши, па, под спонзорство на Еди Рама и на Хашим Тачи, сите албански партии во Македонија влегоа во коалиција. Освен федерализацијата на земјата и двојазичноста на територијата на целата земја, значи и во местата каде што нема Албанци, бараа и укинување на македонското државјанство. Прифаќајќи го тоа денес, Северна Македонија уставно повеќе не е национална држава на Северните Македонци (бидејќи, ете, постојат можеби и оние јужни, со грчко потекло, од грчката покраина Македонија, која сè до 1991 година не го носеше тоа име), туку на граѓаните на Северна Македонија.

За оние на кои не им е јасно за што станува збор, да се присетиме зошто ние во 1989, 1990 и 1991 година инсистиравме на номинативи во називите во Република Хрватска.

Третото подметнување, рамно на Гебелсовата пропаганда, се крие во уште еден договор што премиерот на Северна Македонија, апатрид по сопствено признание, Зоран Заев, го потпиша. Станува збор за Софискиот договор. Граѓанинот (на светот) Заев тогаш на Бојко Борисов му потпиша документ според кој во името на (тогаш сè уште) Република Македонија се откажува од македонската историја, а му допушта и инспекција на бугарското министерство за образование во македонскиот курикулум во врска со тоа. Потпиша дека целата историја на (тогаш сè уште) Република Македонија почнала од 1945 година, а сè пред тоа било бугарска историја. Така неодамна, по дипломатската нота од Бојко Борисов, мораше официјално да се извинува за тоа што Илинденско востание и Кумановската (АСНОМ-ска – н.з.) декларација ги нарече дел од македонската историја.

Четвртото подметнување е во тоа што сите противници на новонастанатата состојба се нарекуваат русофили. Да се каже за граѓани на западна Европа или за оние кои поминале години на Запад дека се русофили е противприроден блуд, токму како и да се занемари поврзаноста на финансиерот на Заевата партија со путиновите претставници за Турски поток, руски стопанственици во ‘Некогашната отоманска територија’ Грција.

Според тоа, со смртта на Република Македонија можеби навистина е направен чекор кон влезот во ЕУ и во НАТО (каде што на, тогаш сè уште, Република Македонија одамна ѝ беше местото), но е убиен цел еден политички народ и е продадена неговата историја. Во една реченица, Северна Македонија и нејзиниот нов устав Македонците како нација ги ставија во законска положба во каква што беа пред Илинденско востание“, заклучува Бродиќ.