Хрватска парламентарка бара Париз да и помогне на Македонија во ЕУ

Македонија била една од темите за кои разговарале претставници на Францускиот Сенат за време на посетата на своите хрватски колеги парламентарци.

Француските парламентарци ги информирале хрватските колеги за француската иницијатива за организирање на меѓупарламентарна конференција во која ќе учествуваат земјите-членки на Берлинскиот процес за размена на мислења за тоа како да им се помогне на земјите од Западен Балкан да се приближат до ЕУ на што добиле барање од пратеничката Маријана Петир за поинтензивна француска активност за македонскиот почеток на преговори со ЕУ.


Хрватската пратеничка Маријана Петир која како европарламентарка беше дел од групата “Пријатели на Македонија” ја поддржала француската иницијатива и силно се залагала за поддршка на нејзиниот европски пат, истакнувајќи дека земјата неправедно се наоѓа во чекалната повеќе од една деценија и дека пред неа се поставуваат нереални барања.

Петир на средбата порачала дека заедничкиот проект на парламентите на Франција, Австрија и Хрватска со македонскиот парламент може многу добро да биде корисен за Македонија, но и да испрати силна политичка порака за поддршка на Македонија.