Хрватска лекција за Германија, 22 одбрани на Кузмановиќ!

Отпишаната Хрватска му одржа ракометно предавање на домаќинот Германија, декласирајќи го полуфиналистот на Европското првенство со 30:24 пред 19.750 сведоци во исполнетата арена „Ланксес“ во Келн.

Херој во хрватскиот состав, кој пред овој натпревар немаше шанса да го избегне последното место во групата од втората фаза, беше 21-годишниот голман Доминик Кузмановиќ со своите 22 одбрани и надреални 48 проценти успешни интервенции!

Благодарејќи на претходните победи на Франција над Унгарија од 35:32 и на Исланд против Австрија од 26:24, „панцерите“ останаа втори и шести пат ќе играат полуфинале на ЕП, првпат по 2016 година, кога ја освоија титулата. Хрватите завршија на 11 место и тоа е нивниот најлош пласман по ЕП 2002, кога беа 16-ти.

Поранешниот „мотор“ на двократниот европски клупски првак Вардар, Игор Карачиќ, се издвои во нападот на победничката селекција со 6 гола од 10 обиди.

Германците во полуфиналето во петок ќе играат со Данска, а во другиот дуел за финалето ќе се сретнат Франција и Шведска.