Веста дека Европската Комисија (ЕК) одобри пласирање на пазарот на различни прехранбени производи од инсекти на почетокот на јануари сериозно ја вознемири хрватската јавност, особено конзервативците.

Марин Милетиќ од „Мост“ во расправата во парламентот тврдеше дека претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен со потпишувањето на одобрението за вклучување на инсекти во новата храна „открила аскетизам“ и истовремено изрази сомневање дека го открила само за граѓани на Европа, а не за себе, пренесува Индекс.хр

„Така, во 2023 година, кога технологијата толку многу напредна, кога науката отиде толку далеку, кога можеме да имаме врвен квалитет и здрава храна, шефицата на Европската комисија нè враќа со временска машина во времето на Јован Крстител кога вели дека граѓаните на Европа и ние Хрватите, граѓаните на Република Хрватска, треба да јадеме инсекти“, рече Милетиќ.

Во опширниот напис порталот наведува дека „инсектите се многу економичен и здрав извор на животински протеини и некои други важни хранливи материи“, затоа што нивното одгледување претставува значително помал еколошки и климатски отпечаток за планетата од одгледувањето месо, бидејќи со значително помалку ресурси како што се вода и обработливо земјиште, тие создаваат иста количина на протеини.

Дополнително, тоа подразбира помалку насилство врз животните и дека треба да се запомни дека во следните 30 години бројот на луѓе во светот ќе порасне за уште две милијарди, што значи дека потребата за храна значително ќе се зголеми. Во исто време, климатските промени ќе го намалат производството на храна во многу делови од светот, а ЕУ е многу зависна од увозот на храна.