Храбра анализа за политичките, правосудни и медиумски ,,инвестициски” грешки на ЕУ и САД во Македонија

Лидерот на движењето ,,Нова Република” Ивон Величковски прави вивисекција на влијанието на политиката, правосудството и медиумите низ призмата на Американките инвестиции во овие три сектори во Македонија и пошироко во последниве дваесетина години.

Величковски најпрвин користи изјава на американскиот заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар за Босна и Херцеговина за која смета дека важи и за Македонија а потоа анализира дека САД греши при изборот на луѓето и факторите кои ги поддржува во Македонија затоа што тие имаат исклучително ниска доверба од граѓаните.

Во својата анализа Величковски укажува зошто не функционира целосно американскиот и европски концепт на ,,стабилократиија”. (западна поддршка за корумпирани лидери кои носат стабилност за сметка на почитување на демократските принципи и резултати во битката против корупцијата и криминалот).

,,Една порака од и една до Габриел Ескобар

Пораката од Ескобар е: Текстот во Скопје да го читаме така што “Босна и Херцеговина” се заменува со “Македонија”, а “Дејтонскиот договор” со “Рамковниот, Преспанскиот и Софискиот договор”.

Но за воопшто да дојдеме до граѓанскиот концепт и ЕУ, потребно е токму САД да ги проветрат своите институционални, политички и медиумски инвестиции во Македонија.
Со сите инвестиции во судството, довербата е 8%.

Со сите инвестиции во ваквите партии и ликови, довербата кон нивните лидерства вкупно е 25%.

Со сите инвестиции во одбраната, НАТО-сертифицираните кадри се исклучок наместо правило…

Истото се однесува и до ЕУ. Примирувањето на Меркел и Саркози со Путин одеше паралелно со примирувањето со Путинизмот на Балканот.
Што повеќе Хан и Могерини шетаа по Балканот, толку повеќе руската олигархија вшетуваше во балканските економии и државни институции.
Путиновата моќ виз-а-ви Европа се градеше со сите Северни потоци и парите за енергенси, давани без оглед на децениското авторитаризирање на Русија. Паралелно, Путинизмот на Балканот растеше со секое киднапирање на националните институции од партиите на олигархиите од Дрина до “Богородица”.

За сето тоа време, секоја нова “Само вистина”, “Топ тема”, “Пат кон”… на која истите новинари разговараат со истите гости за истите теми дваесет години, денес е сојузник на секој алтернативен медиум што шири путинистички пропаганди. Оти медиумите, сакајќи да се блиски до партиите и амбасадите, престанаа да бидат блиски и влијателни кај луѓето.

Невладините организации и онака се само обилно финансирани антени на партиите кои знаат да ги пополнат бирократските фондациски апликации за грантови.

Сведочиме на крај на познатата форма на глобализација. Тоа значи распаѓање на старата структура на економија и елити какви што ги познаваме.

Засега обичниот човек не може да ги препознае контурите на новиот економски поредок. Сигурно е само дека низ него ќе се создаваат новите сојузи.

Европа без политички, економски и воени ресурси е само континентален учесник, но не и геополитички креатор на таквиот нов поредок. Улогата на ЕУ наспроти улогата на националните влади во помагањето на одбраната на Украина (особено оние од Источна Европа) од руската агресија тоа го покажа.

Особено што сега ЕУ неволно го понесува товарот на својата безбедност, социјала и економија, што 80 години наназад Џон Смит од Небраска и Џејн Доу од Висконсин и ги финансираа со нивните даноци обезбедувајќи и го мирот гарантиран со американските бази ширум Западна Европа.

Потпирањето на САД на познатите елити на Балканот и во Македонија, затоа, може да биде практично само на краток рок.
Оти овие политичари и бизнисмени се научени само да се преместуваат од американска стабилократија што гарантира мир кон европска стабилократија што нуди кредити во евро-клаузула.

Оти така беа научени од Брисел и Вашингтон.
А секоја од овие стабилократии не нуди одржливост ниту на среден рок”, пишува Величковски во својата храбра анализа за состојбите во Македонија и регионот кои се должат на погрешните инвестиции и агенди на САД и ЕУ.

Фото