Холандскиот премиер Марк Руте вчера, по пристигнувањето на седницата на Европскиот совет во Брисел, изјави дека Унгарија, „со својот закон според кој се дискриминира ЛГБТ заедницата, нема што повеќе да бара во Европската унија”. „За мене тие (Унгарците) веќе нема што да прават во ЕУ, но јас не одлучувам сам. Има уште 26 земји”, рече Руте и додаде дека ЕУ е „заедница на вредности “.

Унгарскиот Парламент донесе закон со кој се забранува „промовирање” на хомосексуалноста кај малолетници.

Холандскиот премиер го праша Орбан зошто Унгарија не ја напушти ЕУ ако ги отфрлa законите на блокот, кои забрануваат дискриминација врз основа на сексуална ориентација, сугерирајќи дека Будимпешта може да го користи членот 50 за напуштање на унијата – остар јазик кој ретко претходно се слушнал во Европскиот совет.

Следуваше реакција од унгарската министерка за правда Јудит Варга го обвини холандскиот премиер дека зборува со речникот на старата колонијална ароганција.

„Додека сум жива, ќе се борам со сите сили да не мора унгарскиот народ да клечи пред Руте или некој друг колонијалист. Холандскиот лидер со ова се отпиша себеси од кругот на цивилизирани луѓе“, напиша Варга на Фејсбук.

Според Варга, овие изјави на Руте се само епизода од серијалот на политички уцени.

„Унгарија не сака да ја напушти ЕУ. Напротив, ние сакаме да ја спасиме од лицемери“, додаде Варга.