Холандија ќе го блокира обидот на Бугарија да се приклучи на безвизната Шенген зона на Европската унија следната недела, според холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра, објавија Блумберг и холандските медиуми.

Холандија верува дека е „сè уште рано“ Бугарија да влезе во зоната, рече Хоекстра во петокот по состанокот на владата во Хаг.
Холандската влада ќе се согласи за пристапување на Романија и Хрватска, рече Хоекстра.

Романија и Бугарија чекаат повеќе од една деценија да бидат примени во Шенген, потсетува Њуз.бг.

Двете земји се обидуваат да добијат позитивен глас од земјите-членки, заедно со Хрватска, за приклучување кон Шенген на почетокот на следната година, но секоја одлука ќе мора да биде едногласна.

Бугарската влада работи на постигнување полноправно членство со гласањето на 8 декември, рече бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев минатата недела.

Според државниот секретар Ерик ван дер Бург, по неделниот состанок на министрите во владата, Бугарија се’ уште не ги исполнила условите.

Премиерот Марк Руте одлуката за прифаќање на Романија ја нарече „голем чекор“.

Бугарија сè уште не исполни две барања, рече премиерот Руте на својата редовна неделна прес-конференција.
Земјата се уште се соочува со проблеми кога е во прашање владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Покрај тоа, Бугарија сè уште не ги исполнила техничките барања на Шенген зоната.

Руте рече дека нема политички причини зад одбивањето.