Портпаролот на владата Муамет Хоџа денеска најави дека по завршување на пандемијата повторно ќе биде распише јавен оглас за воспоставување на хеликоптерски итен медицински систем, зашто првичниот договор поради долгото траење на пандемијата не беше возможно да се спроведува и беше раскинат.
„Договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за формирање на современа модерна организациска платформа како ефикасен носител на хеликоптерски итен медицински систем во Република с.Македонија и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување е раскинат со одлука на 26-та седница на Владата. Спроведувањето на договорот, којшто налагаше обврски од двете страни – државата и операторот, не беше возможно поради долгото траење на пандемијата и затоа е раскинат“, рече Хоџа одговорајќи на новинарско прашање.
Во врска со овчарот Златко Божинов од кратовско, кој пет часа беше носен на носилка поради неможноста да се најде возило за негов транспорт од непристапниот терен, рече дека од Кабинетот на вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски веќе се испратени дописи и се побарани детални извештаи за случајот од градоначалникот на Општина Кратово, од Центарот за управување со кризи и од МВР.