Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски и претседателот на собраниската комисија за надзор над безбедносните служби Љупчо Пренџов денеска не одговорија на прашањата на новинарите во врска со одговорноста за случајот Онишченко.

Тие молчат за деталите бидејќи информацијата е на ниво на државна тајна и не може да се сподели со јавноста тоа што било зборувано на тајната сесија на отчетот на новиот директор на АНБ Милошевски пред Комисијата за случајот „Онишченко“.

Но од изјавата на Пренџов како претседател на Комисијата за надзор на тајните служби во која тој не издава државна тајна и не открива ниту еден факт од тајната сесија, може да се заклучи многу за личната одговорност на екс и сегашниот шеф на АНБ.

,,Седницата беше затворена на ниво на државна тајна. Директорот на АНБ презентираше одредени активности кои Агенцијата ги презела. Како претседател на Комисијата сум загрижен што Агенцијата ги полни насловните страници со негативности и сметам дека мора да се стави крај на тоа. Треба да има ред, професионализам и АНБ да е чувар на државата. Со оглед на доверливоста на информациите, нè информираа за дел системски пропусти и добивме редослед што се случувало од откривањето на случајот „Онишченко“ до сега. Директорот и претходниот ги именува премиерот, односно Владата, и тој на дневна основа одговара пред премиерот и Владата. Ние сме членка на НАТО, може да бидеме власт и опозиција, да разговараме за дневна политика, но кога се работи за професионалноста на безбедносниот систем мора да сме на врв на задачата. Владата треба да понесе одговорност што работела Агенцијата”, рече Пренџов.

Пренџов не одговори дали и кој ќе понесе одговорност за случајот „Онишченко“ но ако внимателно се слуша неговата изјава јасно е дека меѓу другите функционери во АНБ и сегашниот шеф на агенцијата Милошевски има лична одговорност.

Поедноставно кажано, аргументите на Директорот на АНБ Милошески што тој ги дала на денешната комисија се основа за негова оставка.

Изјавата на Пренџов