Хашим Тачи денеска пред судот во Хаг

Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, кој деновивe поднесе оставка, денеска за прв пат ќе се појави пред судија на претходна постапка за Специјализираните совети на Косово, како еден од основачите на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК).

Откако беше пренесен во притворската единица во Хаг на 5 ноември, тој побара да биде сослушан пред вторникот, 10 ноември, но не е прецизирано од кои причини, пренесува Танјуг.

Тачи на суд ќе го застапува адвокатот Денис Хопер, кој веќе поднесе одредени поднесоци до судот, чија содржина засега е доверлива.

На неговото прво појавување пред судија во 15 часот, на Тачи ќе му биде прочитано обвинение кое, заедно со Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, го товари за разни видови кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Тачи може да се изјасни по обвинението веднаш или во рок од 30 дена, на ново рочиште.