Харадинај најави референдум за обединување на Косово со Албанија!

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, најави референдум за обединување со Албанија при претставувањето на изборната програма за вонредните избори на 14 февруари.

„Ќе дојде денот кога новиот американски претседател или новиот германски канцелар ќе мораат да се изјаснат за тоа што да му се каже на Косово во 2024, 2025 или 2026 година. Очекувајте да направиме нешто. Ниту сме прифатиле, ниту оставивме замрзнат судир, ниту сме прифатиле да нè раздвојуваат, но ќе одиме на референдум за обединување со Албанија. Запамтете го ова!“, порача Харадинај.

Поранешниот косовски премиер потсети дека Албанците од Косово пред 20 години му дале збор на Западот дека сакаат да ја почитуваат заедничката визија за придружување на Косово во ЕУ, НАТО, Обединетите нации и да го признае Србија.

„Ако ЕУ сака да убеди пет земји-членки да го променат ставот, а Америка сакаше да ни помогне да добиеме признавање од Израел, зошто европските партнери нè држат така изолирани , зошто нè оставаат настрана и одвреме-навреме ни велат дека за тоа сме виновни ние. Не се ли виновни Србија и другите соседни држави, дали тие беа совршени. Не можеме само да чекаме некој да биде расположен да го реши прашањето на Косово“, рече Харадинај.