Харадинај до Вучиќ: Ако Србија го признае Косово, нема да има референдум за обединување со Албанија

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, му реплицира на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој го нарече „опасен човек“ по предизборната најава на бившиот косовски премиер за референдум за обединување со Албанија.

„Не плашете се, господине Вучиќ. Не треба да бидете нервозни. Косово го бара само тоа што му припаѓа, порача Харадинај преку Фејсбук, додавајќи дека постои начин за да избегне референдум за обединување на Косово со Албанија во 2025 година.

„Постои еден многу едноставен начин, а тоа е Србија да го признае Косово како независна држава“, напиша експретседателот на косовската Влада.

„Со хистеричната реторика нема да нè запрете во нашето право да ја дефинираме иднината на Косово. Косово и неговите граѓани се прозападно ориентирани и како такви не заслужуваат презир, игнорирање и условување до недоглед“, нагласи Харадинај во постот.

Вонредните избори во Косово се закажани за 14 февруари.