Ништо не направил директорот на Албанскиот државен ансамбл во една година од формирањето и со буџет од 1 милион евра, поради што во Министерството за култура подготвувале негова смена.

Откако дознал за ова директорот Фатос Љумани поднел оставка, разочаран од комуникацијата со Министерството и неможноста да ги користи средствата, дознава ТВ21.

„Имајќи предвид дека од назначувањето на директорот, односно екс-директорот, помина една година и имајќи ги предвид реакциите кои пристигнуваат од незадоволните страни поради работата на екс-директорот на Ансамблот, и имајќи предвид дека една тукушто формирана институција со буџет од 1 милион евра, не успеа да реализира ништо, мислевме дека е неопходно ние како Министерство за култура да направиме чекор и да назначиме нов директор“, изјавил државниот секретар Ваљмир Азири.

Основањето на Ансамблот беше предизборно ветување а на 7, март 2018 медиумите известија за одлуката на Владата:

„Заради негување на играорната, вокалната и вокално-инструменталната фолклорна уметност на албанската заедница во Република Македонија, на денешната седница се основаше Национална установа Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија – Скопје, како непрофитна установа од областа на културата“.