„Кај Албанците од Македонија (зошто не и во другите албански средини) има многу функционални неписмени, на кои благодарение на политичките партии им се ‘насмеа’ среќата да бидат на раководни позиции.“ – вели Шкелзен Халими, писател и преведувач на албански јазик, во својата колумна со наслов „Функционерите во Македонија што не знаат да пишуваат, туку само да се потпишуваат“, која ја објавија весникот „Лајм“ и некои други медиуми на албански јазик во Македонија.

„Халими пишува: „Всушност, тие знаат да собираат и одземаат броеви, ги знаат 36-те букви од албанскиот јазик, но не знаат како да ги користат овие букви, за да напишат еден текст, дури не знаат ни една обична молба да состават. Знаат само да се потпишат. Кога станува збор за потпис, тие се навистина експерти и ја ‘оправдуваат’ довербата на партијата. Често се случува таквите луѓе, чудно, да ни се претстават со некакви написи (на портали) или дури и пригодни говори. Оние што не ги познаваат би помислиле дека се зрели интелектуалци со интелектуален потенцијал.“

„Но, таквите воопшто не се оптоваруваат, поради фактот што има некој кој добро ги познава, кој со нив бил заедно во училиште, кој знае како завршиле основно, средно и високо образование.“

„Најлошо од се е тоа што многумина знаат дека написите со кои се појавуваат во јавноста, им ги пишуваат во нивно име, оние кои што доброволно им се потчинуваат на овие функционални неписменици, позајмувајќи им го своето перо, значи пишувајќи написи, на кои стојат имињата на овие неписмени. Ова е врвот на злото што се случува меѓу нас, можеби ова е врвот на лицемерието.“

„И што се случува!? Интелектуалците пишуваат и се кријат зад функционалниот неписменик, така тие се измамуваат самите себеси. Еве на кое рамниште спадна интелектуализмот меѓу Албанците во Македонија! На најтрагично рамниште…“ – заклучува Шкелзен Халими во својата колумна.