Веќе 11 дена системот за здравствено осигурување е блокиран и надвор од функција по хакерскиот напад.
Хакерите кои стојат зад нападот на 6-ти февруари бараат откуп за ослободување на системот и негово враќање во функција.
Се шпекулира дека откупот го побарале во биткоини, но од МВР велат дека немаат такви информации, јавува Телма.
За враќање на податоците хакерите уценуваат со огромни суми на пари, чија исплата ја бараат во некоја крипто валута.
Целиот компјутерски систем е нападнат од вирус Ransomware, испратен од хакери, кој ги собира сите податоци од компјутерските системи вклучително и базите на податоци и истите ги шифрира.
„Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО’, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски
Проблем е доколку од компјутерските системи или бази на податоци, при нивно одржување, не се прави редовно снимање на резервна база на податоците кои во ваков случај можат да се вратат за користење со што не би зависеле од уцената.
Корисниците на здравствени услуги стравуваат од злоупотреба на нивните лични податоци, а целиот здравствен систем функционира со огромни проблеми, односно не може да се исплаќаат ниту средства кои одат преку Фондот за породилни и останати боледувања. Незадоволството е големо и меѓу вработените во државното здравство кои останаа без плати па најавија и протести за да дојдат до заработеното.
