„Последниот удар од ‘Огнената група’ нема да помине без тектонски удар врз ДУИ. Ако функционерите од таа група ги напуштат партиските бои, или ако покажат непослушност, тогаш се доведува во прашање парламентарното мнозинство.“ – вели новинарот и основач на весникот на албански јазик Фејзи Хајдари во својата колумна со наслов „Дали и се заканува на ДУИ загуба и на Чаир, по губењето на Тетово и Гостивар?“
Хајдари пишува: „Две работи ми оставија впечаток при неодамнешните вриења и судири во ДУИ, кои за многумина познавачи на политичките околности беа очекувани донекаде, поради долгиот престој на оваа партија на власт и особено поради тоа што корумпираното судство (органите на прогонот) не ги казнуваат многуте високи партиски протагонисти, кои се потонати во криминал и корупција. Лидерот на ‘интегристите’ Али Ахмети пројави брза реакција. Тоа не се случило никогаш досега. Оваа постапка ја отвора дилемата: дали Ахмети се соочува со исклучително голем внатрешнопартиски притисок, кој бара итно решение? Реакцијата на Ахмети, уште повеќе го зголеми сомнежот дека се случува нешто сериозно.“
„Во оваа партија за прв пат се пројавува незадоволство во формализиран облик, за кое веќе подолго време кружеа предупредувања во кабинетот на Али Ахмети, во медиумите, па и во дипломатските претставништва во Скопје. Барањето или повикот на незадоволната партиска група, доаѓа од партискиот огранок, кој се досега претставуваше ‘тврдина на ДУИ’. Меѓу незадоволните има двајца пратеници во Парламентот, поранешни министри и претседатели на општини (Висар Ганиу, Блерим Беџети, Невзат Бејта) и високи сегашни и поранешни функционери на ДУИ“
„Ова го крева уште повеќе степенот на загриженост за натамошниот тек на внатрешнопартиските случувања. Ако функционерите од ‘Огнената група’ ги напуштат партиските бои, или ако покажат непослушност, тогаш се доведува во прашање парламентарното мнозинство. Ако се суди според првиот настап на Али Ахмети, барањата на ‘Огнената група’ нема да бидат прифатени и ќе останат запоставени. Неговиот настап беше отсечен… Тоа значи дека ‘незадоволните’ можат да дејствуваат согласно со својата визија каде што сакаат, но не и во рамки на ДУИ.“
„Во овој момент со општините Чаир и Сарај раководат луѓе токму од ‘Огнената група’. Во неа има високи функционери, двајца пратеници, но се зборува и за други личности. Ударот на Ахмети врз ‘Огнената група’ може да и нанесе значителни штети на ДУИ како партија. Чаир беше најмоќниот огранок и центар на ДУИ. За тоа сведочат активностите и изборните циклуси. Затоа последниот удар од ‘Огнената група’ нема да помине без тектонски удар врз ДУИ.“
„Двојната загуба во текот на 9 месеци во Тетово – градот со најмногу гласачи-Албанци, нема да може да помине без метастазирање и на други места, имајќи го предвид влијанието на незадоволните функционери на ‘Огнената група’. Алармот е веќе вклучен. Кој ќе победи во трката: оние кои што сакаат да ја запрат, или оние кои сакаат да ја запалат?“
Home Македонија Хајдари: „Ќе се доведе во прашање парламентарното мнозинство, ако функционерите од ‘Огнената...