Поранешниот македонски премиер Никола Груевски за огласи за петгодишнината од настаните на 27 април 2017 година во Собранието, нарекувајќи ја политички прогон судбината на 16 уставобранители, осудени на вкупно 211 години затвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок“.
„Денес е 27 април. Ден кога секоја година на ист ден се активира потсетникот во телефонот на асистентите на политичарите од власта, по што подготвуваат и објавуваат ФБ-статуси или соопштенија за јавноста во име на партијата, Владата, или поедини партиски и владини функционери, потсетувајќи само на еден дел од настаните од 27 Април 2017 година и тоа само со цел тоа да го стават во дневнополитички контекст, со надеж дека ќе добијат некој поен повеќе или дека ќе му намалат на противникот некој поен. За нив ова е потсетник за соопштение и ФБ-статус за еднодневен политички конфликт со опонентот, но за лицата кои се под политички прогон, кои се со лажна квалификација осудени на долги затворски казни, чии првични пресуди за насилство за еден дел од нив, кои главно беа со условни казни, по политичка директива ги поништија и ги преиначија во тероризам, за нив ова е неправедно уништување на нивните животни судбини, брутален политички прогон, изживување и огромна неправда. Дел од нив немаат никаква вина, а дел имаат лажна квалификација и ако немаше политички прогон ниту еден од нив денес немаше неправедно да е во затвор.
Сè додека траат политичките прогони во Македонија, за овој и за сите други случаи, Македонија нема да оди напред и ќе тапка во место во секој поглед, што и се случува речиси пет години. Народот добро знае дека тоа е така“, напиша Груевски на Фејсбук.