Груевска-Маџоска: Ниту еден сојуз или унија не се вредни за да се откажеме од себеси

Професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во контекст на условувањата од Бугарија за Европската унија прашува „што би биле ние без историја и без корен“.

„Да се влезе во Европската унија обезличен, јас мислам дека тоа е страшно. Всушност, ниту еден сојуз, ниту унија не е толку вреден за ние да се откажеме од себеси, бидејќи без историја, без корен, што би биле и, всушност, што би кажале нашите предци кои што изгубиле толку години за да се изборат за можноста да се кажат дека се Македонции, дека зборуваат македонски јазик?“, праша Груевска-Маџоска во „Само вистина“ на Канал 5.

Според неа, идентитетските прашања никогаш не требало да се стават на преговарачка маса.

„Не знам зошто Македонија изгуби толку години, ако требаше ова да го направиме. Ако го направевме во 90-тите години, немаше да ги изгубиме овие три декади, ако беше тоа правилниот пат. Ако било тоа нешто што требало да го направат, ќе го направеле претходните политичари и немало да се измачува Македонија за тоа членство во Европската унија“, заклучи Груевска-Маџоска.