Груби му го зеде чаламот на Заев – Пишува Роберт Димитриевски

Повеќе нема дилеми – Артан Груби е вистинскиот премиер на Македонија, а не Зоран Заев. Ако некој и имаше сомнеж околу тоа, по јавната размена на пораки на номиналниот претседател на Владата со директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, веќе сè е јасно.

Откако Пауновски стави на знаење дека, и по цена да биде разрешен, нема да потпише решение за примање на предложените 35 „рамковни“ од Груби, бидејќи само 12 од нив имаат какви-такви квалификации за пазарни инспектори, Заев јавно му реплицира да не дава отпор! Значи, нему не му пречат ни несоодветните кадри што ги нуди првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците за работните позиции чие пополнување го побара Пауновски, ни фактот дека 40 проценти од вработените во ДПИ се Албанци?! Ниту, пак, „извољевањето“ на „рамковните“ кандидати, кои инсистирале да бидат распоредени во три града од западниот дел на Македонија, иако пазарните инспектори се дефицитарни во источниот.

Поеклатантен пример и доказ дека Владата на Заев и буквално е зависна од ДУИ – здравје. Муртинецот на привремена работа во премиерскиот кабинет на „Булевар Илинден број 2“ може да ја замајува јавноста колку сака дека „не треба да водиме јавна војна преку медиумите едни со други, тоа не ни треба, зошто ова е нешто што народот го очекува од нас“. Од авион се гледа дека тој, практично, го нема решавачкиот збор во Владата, ами Груби.

Џабе се фрла Зоќето дека е некаков авторитет во извршната власт. Сега дури и на најзаслепените од сдсмовската пропаганда им се разјасни тоа. Заев во суштина е лицето за односи со јавност, а вистинската моќ е во рацете на Груби и на неговата партија. Ако сака, не 35, туку 350 од тие што седат дома, а примаат плата како да одат на работа, ќе предложи за државни инспектори и никој не смее да се посомнева дали воопшто можат да го работат тоа, а камоли да ги одбијат. Пораката за Пауновски од Заев, стоејќи пред министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ, недвосмислено потврдува кој е кој во оваа Влада.

Другото, уште попоразително сознание од оваа драмолетка, е дека не е важно дали и колку те бидува, има да те земат на работа, па мајка Јана да е, ако Артан проценил и решил така. Може да си тутулебале, паднат од Марс, дунстер за соодветното работно место, не е битно штом Груби стои зад тебе. И штом Заев го аминува тоа, од немај каде, зошто си ја продал душата на ѓаволот од пуста желба по секоја цена да биде ороводец, иако „со две леви нозе“.

Жална Македонијо, какви те газат.