Забраната за снимање на државното знаме на Македонија и на знамето од Кутлеш од страна на Канал 9, по наредба на огранизаторот на Австралија Опен е ненамерна грешка, и за тоа има иоозвинување од Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, информира МНР.
Поради таа грешка, организаторот на турнирот на снимателите од Канал 9, кои ги реализираат преносите од првиот гренслем-турнир во годината, им поделиле флаери со знамиња кои не треба да бидат снимани доколку се појават на трибините.
На флаерот со инструкции покрај знамињата на Палестина, Белорусија, Русија, Тајван, Израел било и државното знамето на Македонија, но и знамето со 16-кракото сонце, во неговата црвена и сина (грчка) варијанта.
„По добиените информации за пропустот поврзан со истакнувањето на официјалното знаме на Република Северна Македонија на тенискиот турнир Австралија Опен, Министерството за надворешни работи, преку амбасадата во Канбера, веднаш реагираше до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, како и до организаторот на турнирот, Австралија Опен“, се вели во соопштението од МНР.
Оттаму додаваат дека е добиено уверување дека се работи за ненамерен пропуст – техничка грешка која е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања. Било испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот.
„Организаторот појасни дека согласно важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот дозволено е да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот; воедно добивме и потврда дека за време на учеството на нашата натпреварувачка Лина Ѓорчевска, официјалното знаме на земјава било присутно на трибините меѓу гледачите без никакви ограничувања“, информираа од МНР.