Грција стартува со трговската марка „Македонија Велика“, странците морало да разберат дека тоа е грчки бренд!

До крајот на годината се очекува првите 100 компании што се регистрирани во грчкиот Едношалтерски систем за сеопфатна поддршка на извозот (СЕВЕ) и што аплицирале за неа, да ја добијат трговската марка „Македонија Велика“ (Macedonia the GReat).

„Новата ознака е достапна за членките на СЕВЕ бесплатно, а целта е да обезбеди производите и услугите произведени на ‘македонска земја’ да не се помешуваат со оние на Северна Македонија, особено на странските пазари“, пишува грчкиот весник „Етнос“.

СЕВЕ го регистрираше името на брендот пред два месеца, по барањето што го поднесе за негово одобрување во Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија во Аликанте, Шпанија, во 2019 година и по отфрлањето на приговорите поднесени од органи, комори и бизниси од Република Македонија. Првите 100 компании се главно активни во секторот храна (тестенини, зеленчук, овошје) и пијалаци (вина).

Официјалното претставување на брендот ќе се одржи на 20 февруари во Солунската концертна сала. Од новата година ќе започне нов циклус отворени настани за целиот свет, а на некои ќе присуствува и премиерот Кирјакос Мицотакис.

„Нашата цел е да го вклучиме овој знак во производите и услугите што се произведуваат во грчка Македонија. Намерата ни е да ги регистрираме сите македонски бизниси, бидејќи со тоа името на брендот ќе биде уште посилно. Тоа е веќе прифатено од деловниот свет бидејќи е национален напор. Како што бизнисите имаат корпоративна општествена одговорност, ние ја нарековме оваа национална корпоративна одговорност“, изјави за „Етнос“ претседателот на СЕВЕ, Симеон Дијамантидис.

Според него, со новата ознака се решава уште еден проблем, кој е поврзан со неподготвеноста на грчките компании новите производи што ги произведуваат да ги именуваат како „македонски“, бидејќи се плашеле дека таквото нивно именување ќе се однесува на соседната земја, со што се губи додадената вредност што грчките производи веќе ја добиле со својот посебен квалитет во странство.

„Странците мора да разберат дека ова е грчки бренд. Ова ќе го рекламираме и во Грција за 30-те милиони странци кои секоја година доаѓаат на одмор, враќајќи се во својата земја, кога ќе го видат во нивните супермаркети, да разберат дека тоа е грчки производ, а не производ од Северна Македонија“, истакна Дијамантидис.