Грција во изминатите денови се мобилизираше за да испрати порака дека ќе се бори за продолжување на проширувањето, но и за да ја поддржи целта на реформите на Западен Балкан, вели професорот од Универзитетот „Македонија“ во Солун, виш научен соработник и шеф на одделот за ЈИЕ во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“ Јанис Армаколас за МИА.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина тој објаснува дека Грција сама, не можеше да стори ништо за да го спречи француското вето, но коментира дека сега, грчката дипломатија одново се активира за ЕУ перспективата на Западен Балкан.

За потегот на Макрон, професорот вели дека францускиот претедател тргнува од искрена намера за справување со проблемите во функционирањето на ЕУ и има право да се фокусира на потребата за реформи и продлабочување.

„Но, поврзувањето на овие правилни намери и цели со блокирање на проширувањето е погрешно. Поради низа причини, сметам дека овој потег може да биде почеток на особено негативни случувања во регионот.

Она што особено ме загрижува е дека според многу показатели овој став може и да не е само минлив и поврзан со изборите во Франција или загриженоста за подемот на екстремната десница. Напротив, постои голема веројатност во новата визија на претседателот Макрон за ЕУ, да нема место за Западен Балкан или за дел од него. За ова, нашите француски партнери остануваат нејасни. Но, постојат многу индикации дека францускиот претседател може да се обиде да направи целосно оспорување на политиката на ЕУ во регионот. Ова, според моето мислење, би било катастрофален избор, не само за стабилноста и демократијата на Западен Балкан, туку и за националните интереси на соседните земји на Западен Балкан и за европскиот интерес во целост.

Тој не е оптимист дека по средбата на Пендаровски со Макрон би се сменила позицијата на Франција и изразува загриженост дека можеби ставот на Париз и не е минлив, сепак вели дека не треба да се дозволи државите од Западен Балкан „да ги платат последиците“ за политиката на ЕУ, бидејќи реформите на унијата ќе бидат тешка битка но и битка во која не треба „жртва“ да биде регионот.