Грција: Навивачите на „Динамо“ пред обвинител, 50 се во бегство

Сите 94 уапсени лица кои вчера беа приведени од грчката полиција по навивачките немири во пресрет на натпреварот од третото прелиминарно коло во Лигата на шампионите меѓу АЕК и Динамо ќе бидат изведени пред обвинител.

Вчера во Какавија бил уапсен и 19-годишен Хрват, кој со автобус се обидувал да замине од Грција за Тирана.

Грчката ЕРТ објави детали за апсењето на петмина Хрвати кои се обиделе да ја напуштат Грција со брод. При контролата се претставиле како туристи, но со оглед на тоа дека во земјава биле само два дена, а немаат ни куфери, роба или лични работи, полицијата се посомневала и ги привела, јавуваат тамошните медиуми. .

По навивачките тепачки во кои едно лице загина, а осум беа повредени, полицијата постави блокади низ цела Грција, особено на излезите од земјата, за да ги уапси сите инволвирани во наведените крвави инциденти.

Се проценува дека најмалку 50 хрватски навивачи се уште се во бегство, а во тек е лабораториско истражување на ДНК и други докази за откривање на сторителите на убиството. Медиумите вчера објавија дека е уапсен Грк за убиството на 29-годишниот Михалис, навивач на АЕК, што официјално не е потврдено.

По овие случувања, УЕФА го одложи натпреварот од третото прелиминарно коло во Лигата на шампионите меѓу АЕК и Динамо и новиот термин е 19 август.

Натпреварот кој требаше да се одигра во Загреб на 15 август останува на распоредот. И покрај ова, АЕК се уште бара мечот да биде откажан.

„Како е можно по варварското убиство на Михалис од глутница хулигани од Хрватска, АЕК да излезе на терен и да мора да игра против овој тим?“, пишува на официјалниот сајт на атинскиот клуб, кој очигледно бара исфрлање на Динамо од европските натпреварувања.