Грција ќе почне кампања со цел да изнуди 280 милијарди евра како воени репарации од Германија за окупацијата во Втората светска војна, пишува „Дер Шпигел“.

Германскиот магазин забележува дека, сè додека Грција зависеше од поддршката од ЕУ, премиерот Алексис Ципрас избегнувал да го покрене ова прашање. Но, сега, по завршувањето на третата програма за финансиска помош, Атина е подготвена да преземе иницијативи за барање пари.

Темата се отвора неколку дена пред официјалната посета на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на Атина, каде ќе се сретне со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, и со Ципрас, пишуваат грчки медиуми.

Според „Дер Шпигел“, не е случајно тоа што двајцата врвни грчки политичари го покренаа прашањето во текот на последните неколку дена и тоа е почеток на долга кампања, која ќе започне во ноември.

Грчкиот парламент ќе го одобри извештајот за ревизија подготвен од август 2016 година, според кој Грција има право на 269,5 милијарди евра на име репарации од Втората светска војна.

Покрај тоа, Грција бара враќање и на заем од 10,3 милијарди евра земен за време на окупацијата.

Ципрас се чини дека е подготвен да го врати прашањето и да започне кампања за воени репарации, оценува „Дер Шпигел“.

Во втората фаза, Грција има намера да ги претстави своите аргументи до светските организации како што се Европскиот парламент, Европскиот совет и во ОН.

Во третата фаза, Грција планира да ја повика Германија да преговара за воените репарации.

Се очекува германската влада да го одбие барањето, зашто и претходно стави до знаење дека Грција нема законско право да бара надомест за Втората светска војна.

Според некои грчки адвокати, ова германско одбивање може да го отвори патот случајот да се најде пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, пишува грчки портал.

Грција спрема барање за воена репарација од Германија!?