Грција ги отвори границите за туристи, но не и за Македонија

Грција денеска ги отвора регионалните аеродроми, дел од копнените гранични премини и дел од пристаништата за туристи од Европската унија, од Шенген зоната, како и за државјаните на третите земји, кои се најдоа на листата што вчера ја соопшти ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

За македонските државјани, границите кон Грција и понатаму ќе бидат затворени до 15 јули 2020 година, со оглед на тоа дека јужниот сосед се води според одлуките на европско ниво.

„Грција, следејќи ја европската препорака, ја проширува можноста за влез во земјата и за постојаните жители на следните трети земји (листата ќе се ажурира на 15 дена): Алжир, Австралија, Грузија, Јапонија, Канада, Мароко, Црна Гора, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Руанда, Србија, Уругвај, Тајланд, Тунис, Кина“, соопшти вчера портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас.