Грци се плашат од нови лични карти – ќе имале чип за да ги следат!?

Минатата ноќ, околу 5.000 луѓе се собраа во Солун на протест против новите лични карти што ќе почнат да се издаваат подоцна овој месец, соопшти полицијата.

Новите електронски лични карти треба да ги заменат сегашните грчки лични карти и ќе ги содржат истите информации, како име и презиме, име на родителот, адреса и висина. Дополнителни информации, како крвната група, не се обвезни.

Но, тоа поттикна теории на заговор, при што некои тврдат дека новите лични карти содржат чипови кои ќе им овозможат на властите точно да ја одредат локацијата на сопственикот на картичката или дури да го контролираат нивниот ум.

Најголем дел од противниците на новите лични карти се длабоко религиозни. На протестот тие носеа крстови и верски икони.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на неодамнешниот состанок на владата изјави дека личните карти нема да содржат „никаков чип или камери или уреди за прислушање“.

Некои од влоадиците на Грчката православна црква поттикнуваат протести.

Атинскиот архиепископ Јеронимос, кој е поумерен од неговиот претходник, најави дека за неколку дена Светиот синод на Црквата ќе објави соопштение за новите лични карти и ги повика верниците на разумност.

Нов протестен собир е закажан за следниот викенд во главниот град Атина.

Новите лични карти, кои се во согласност со стандардот на ЕУ, ќе станат задолжителни до август 2026 година.