Грчко-македонската комисија пред блокада, Грците шокирани од барањата на Скопје

Мешовитата грчко-македонска комисија за историја, археологија и образование е пред блокада откако грчките членови на комисијата ги добиле македонските барања за промена во грчките учебници и историски книги.

Иако комисијата на почетокот генерално функционирала без големи проблеми и во пријателска атмосфера откако македонската страна на маса ставила неколку барања за промени во грчката историографија работата на телото е блокирана и сега се чека интервенција од страна на политичарите.

Членови на грчката комисија за барањата на македонската страна го информирала кабинетот на грчкиот премиер Ципрас од кого се бара да интервенира кај својот македонски колега Зоран Заев кој требало да наложи повлекување на барањата поставени од македонските научници.

За разлика од грчките барања кои се во огромен број македонските членови на комисијата поставиле само неколку барања кои што во споредба со грчките се минорни и не задираат со ништо во грчката официјална државна политика но сепак се пречка за одење напред.

Грчки извори блиски на членови на грчката комисија признаваат дека проблемот не е во суштината на барањата на македонската комисија која за тоа има историски аргументи признати и во повеќе други европски земји и историографии туку во политичките импликации за грчката страна.

Доколку комисијата работи на рамноправна основа и Македонија успее да ги промени манипулациите кои што се присутни во грчката историографија тогаш може да дојде до жестоки реакции во грчката јавност која што не може да прифати дека „Скопјаните“ ја менуваат грчката историја стара најмалку 24 века, велат дел од изворите на expres.mk.

Еден грчки член на комисијата во владините кругови во Грција се заканувал со оставка ако Македонија не ги повлече барањата со кои според него „Се прави фалсификување на историјата од страна на фалсификуваната скопска нација“.

Други доброинформирани извори во Грција велат дека сега топката е во рацете на грчкиот премиер кој што може да пресече и да им нареди на членовите на грчката комисија да ги прифатат барањата на македонската страна и да ги инкорпорираат во почетниот документ и рамка за кои што ќе се преговора во наредниве 3 години.

Доколку Ципрас од страв дека со ваков „мек“ пристап ќе добие негативни поени во грчката јавност тогаш не се исклучува целосна блокада на комисијата се додека македонската страна односно членовите на комисијата не се повлечат под притисок на политиката.

Комисијата според договорот не може да го спречи ратификувањето на Преспанскиот договор затоа што таа има агенда која ќе трае 3 години, но во оваа фаза е значајно работата на комисијата да оди мазно за нејзината работа да не ги зголеми тензиите пред ратификацијата на договорот во грчкиот парламент.

Извори во политички кругови во Атина велат дека блокадата на комисијата може да е намерно испровоцирана од страна на кругови во грчката влада кои што не сакаат да дојде до ратификација на договорот од Преспа и затоа се обидуваат да направат блокада во комисијата со цел да извршат притисок врз Ципрас кој и онака е во незавидна ситуација.

Македонските власти не откриваат што се случува во комисијата и освен општи протоколарни информации од средбата во Грција засега нема никаква информација за застојот на комисијата откако македонската страна побарала измени во грчката историографија врз основа на аргументи прифатени во светската наука.