Според податоците на Агенцијата за железнички транспорт на Европската унија, објавени минатата година, Грција имала слаби резултати во безбедноста на патниците во железницата во споредба со другите земји во Европа, регистрирајќи највисока стапка на жртви во периодот 2018-2022 година меѓу членките на ЕУ.

Едноставно кажано, Грција го има најлошиот железнички систем во Европа, пренесува БГНЕС повикувајќи се на атинскиот „Катимерини“.


Секој кој патувал со воз во Италија, Германија, Франција, Чешка, Скандинавија или други европски земји ќе ви каже дека едноставно нема споредба, пишува Катимерини.

Грчките возови може да се споредат само со оние што моментално се користат во Египет, Турција или Бугарија, а можеби се малку подобри од оние во Индија или Бангладеш.

Грција никогаш не развила култура на железничко патување. Патувањето со воз никогаш не било главна форма на копнен транспорт. Резултатот е застарена мрежа на железници и возови која, и покрај повремените обиди за модернизација на системот, постојано беше причина за трагедии.