Грчки твитерџија се „насекирал“ што „Гугл“ нуди превод на македонски

Извесен Ник Лицардопулос, кој се претставува како економист, а по презимето и по ставовите очигледно е Грк, на „Твитер“ го изнесува своето чудење како тоа „Гугл“ во својата опција за преведување го нуди и македонскиот јазик.

Обраќајќи им се со користење хаштаг на Министерство за надворешни работи на Грција, на министерот Никос Коѕијас и на грчкиот премиер, Лицардопулос твитна: „Некој треба да направи повеќе за сите мали нешта во мапите, јазичните алатки и имињата низ интернет мрежата и за светот што го користи името #Macedonia. Особено за лингвистичката дезинформација на популарниот #Google преведувач“.