Завчерашниот резултат од гласањето за доверба на Владата на Зоран Заев во Грција се толкува како позитивен сигнал во однос на промените на македонскиот Устав, едно од клучните грчки барања во разговорите за разликата за името на северниот сосед.

„Што се однесува до рамнотежата во Парламентот на соседната земја, концентрацијата од 40 пратеници кои гласаа за недоверба од опозициската ВМРО (од вкупно 120) е прилично позитивен сигнал во врска со шансите на Владата на Заев да спроведе уставни реформи“, коментира грчкиот весник „Катимерини“.

Осврнувајќи се на вчерашната средба на министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас во Охрид, весникот ги лоцира основните несогласувања меѓу двете страни.

„За суштината на преговорите, опсегот на употребата на новото име, кое, ако не се случи нешто непредвидено, ќе биде ‘Горна Македонија’ (односно Горна Македонија) и понатаму од грчка страна е основната пречка за можен договор. ПЈРМ од своја страна инсистира на тоа дека ‘ерга омнес’ (односно севкупна употреба) не е решение што го почитува идентитетот на славомакедонските жители на соседната земја. Клучен проблем е неподготвеноста прикажана од раководството на соседната земја да ги промени интерните документи и заштитните знаци на ‘македонскиот’ идентитет на граѓаните на ПЈРМ“, пишува весникот во написот насловен „Сè уште има разлики со ПЈРМ“.

При прексиноќешното гласање 62 пратеници ѝ дадоа доверба на Владата на Заев, 40 гласаа за недоверба (коалицијата „За подобра Македонија“ освои 51 пратеничко место на последните избори), а двајца беа воздржани. За промени во Уставот, пак, потребно е двотретинско мнозинство, односно најмалку 81 глас од вкупно 120 во сегашниот состав на македонскиот Парламент.