„Нови давачки за ионака најпогодените: занаетчии, угостители и сите мали бизниси. Со кој ум ова се прави? Ќе престане ли ‘елитата’ да краде од нас на секој чекор? Не чепкајте по малите бизниси, туку стимулирајте ги!“ – реагира Солза Грчева, претседателката на вонпарламентарната партија „Глас за Македонија“ и универзитетска професорка, во врска со новите даночни оптоварувања за малите бизниси и микробизнисите според замислата на Владата.
Инаку, бизнисите со вкупен приход до шест милиони денари, според измените на Законот за данок на добивка, ќе можат да изберат дали ќе плаќаат 10 отсто данок на добивка, или 1 отсто на вкупниот приход. За околу 50.000 фирми, меѓу кои фризерници, бутици, семкарници, занаетчии и т.н., од 2023 година ќе нема повеќе можност за ослободување од плаќање данок на приход до три милиони денари. Занаетчиите го искажаа својот револт, бидејќи власта дополнително ги оптоварува со давачки, во услови во кои едвај опстојуваат. Реагираше и Сојузот на стопански комори, обвинувајќи ја Владата дека со даночните измени ќе стави клуч на многу компании и ќе предизвика огромно зголемување на „сивата економија“.
Придружувајќи се кон овој револт и реакции Солза Грчева напиша на својот фејсбук-профил: „Нови давачки за ионака така најпогодените: занаетчии, угостители и сите мали бизниси. Секоја развиена држава се темели токму на малите и микро бизниси. Јапонија со индустриски гиганти, сепак економијата ја темели со околу 85 отсто на мали семејни бизниси.“
„Со кој ум ова се прави? Дали има регистер на фирми, кои се во ‘сивата економија’ и кои не плаќаат ништо? Ќе ги натера ли некој да работат ‘чисто’?“
„Дали ни се потребни толку министерства, како измисленото Министерство за политички систем и етнички заедници на Артан Груби, и со толкава превработеност?“
„Ќе престане ли ‘елитата’ да краде од нас на секој чекор?“
„Ете ви го процентот од 58 отсто незадоволни од тоа на кај тера оваа Влада. И тоа е малку. Зимава ќе се качи на 70 отсто.“
„Не чепкајте по малите бизниси, туку стимулирајте ги!“