Сликите на кои се гледа како гранични полицајци со коњи присилуваат мигранти да се вратат во реката Рие Гранде на границата на Мексико и Тексас, покренаа истрага во САД, јавува Би-Би-Си.

Слики и видеа масовно се споделуваат на социјалните мрежи и на нив се гледа како јавачите ги користат уздите како камшик против мигрантите.

Секретарот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас вели дека неговиот оддел ќе ги испита извештаите за наводна злоупотреба.

Тој рече дека полицајците се обидувале да се справат со мигрантите кои ја минуваат реката за да влезат во САД.

Околу 13.000 мигранти главно од Хаити се собраа во импровизиран камп под мостот што го поврзува Дел Рио со Мексиканската Сиудад Акуња на границата САД-Мексико.

Повеќе од 6.000 мигранти од Хаити и други земји, според информациите, се протерани од кампот во пограничниот град Дел Рио во Тексас на ваков начин.

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки на прашање на новинарите дали ваквото однесување на безбедносните сили е соодветно со одфговор:

„Видов некои снимки. Немам целосен контекст. Не можам да замислам каков контекст би можел да го направи тоа соодветно. Мислам дека секој што ќе ги види тие снимки не би помислил дека е прифатливо или соодветно“, рече таа.

Последните неколку недели, повеќе од 12.000 жители на Хаити пристигнаа во Дел Рио, собирајќи се во огромен импровизиран камп.

Тие изјавуваат дека не сакаат да се вратат во својата земја, која е во криза поради последиците од разорниот земјотрес, но и убиството на претседателот.