Вообичаено не се мешам во спортот но следново ги надминува границите на спортот …
Драги Гранде Пандев и победнику Игор Ангеловски,
Додека сме живи ќе ви се поклонуваме што бевте предводници на четата која по многу години и премрежиња ни донесе неизмерна среќа и гордост што сме Македонци.
Вие од друга страна, верувам знаевте која е цената што ќе ја платите за испорачувањето на неверојатниот пласман на ЕУРО 2020 и победата над големата Германија, како и дека “Нашата земја” успех не простува.
Па така, во екот на уште едно фалсификување на историјата со бришење на придавката бугарски пред фашистичкиот окупатор, со рашомонијадата околу 14те жртви и оставките за катастрофата во Тетово, нон-пејперот од Бихаќка, дојдовте и вие на ред.
Алгоритамот на ПР кујните на владата овој пат ве исфрли вас на површината со низа бљувотини и уште еден обид да се испере мозокот на народот.
Извршителите не убедуваат дека изминатите години, златни за македонскиот фудбал, сме играле одбранбен и непрепознатлив фудбал и оти останатите играчи биле подредени и жртви на самоволието на големиот Горан Пандев.
“Да, ќе добиете еден или два натпревари на среќа, но тоа не е долготрајно решение за национален тим. Време е конечно Македонија да добие игра по која ќе се карактеризира репрезентацијата, по која ќе не препознаваат.” – ќе рече новиот селектор Благоја Милевски.
А што друго и би зборувал кога за она за кое што е платен, резултатите, на голема жал на сите нас, нема што да каже.
Од второ место во групата за светското првенство во Катар, по три одиграни натпревари, паднавме на четврто. А мечот со Германија допрва следува.
Затоа пак, изговори никогаш не недостасувале. Ангеловски не ги подготвил тактички добро играчите, Милевски ќе победел во Букурешт, теренот во Скопје бил катастрофален, сме играле најдобар фудбал до сега, ама само тие што разбираат можеле тоа да го видат и најгнасното од се во овој оркестриран и политички напад на успехот што не обедини е токму врз заедништвото и единството.
“Не ни се потребни само голи-фрази за замајување на јавност како репрезентацијата е ‘фамилија’ како во минатото, ако во суштина внатре и не се функционирало така. Не смее да има нееднаквост меѓу репрезентативците. Мора да има ист третман за секого. Националниот дрес е ист за секого. Без разлика на годините, репрезентативец е репрезентативец.” – тврди Милевски.
Тука доаѓаме до суштината.
Борбата за фудбалот да биде “вратен на граѓаните” очигледно не завршила со елиминацијата на Мрме од чело на А репрезентацијата.
ФФМ успешно го игра своето најважно првенство веќе некое време и тоа преку обидите за смена на Мрме пред мечот со Косово кои завршија неуспешно под притисок на јавноста и најважно под притисок на репрезентативците, кои ете сега разбравме дека сепак не биле баш толку сложни.
Покажаа дека интересот на македонскиот фудбал им е најважен и со тоа што за истиот натпревар го оставија Горан Пандев да допатува во Скопје во своја режија, а се зборува и дека по победата изостанале честитки од ФФМ.
Во осмина финалето од нивната агенда, спротивно на сите пракси, селекторот и капитенот да ги делат премиите за пласман на ЕУРО 2020, сами одлучуваа и си поделија по 20.000 евра.
За во четврт-финалето да се обидат да го цензурираат Ангеловски од официјалната песна/химна за ЕУРО 2020 и да ни протнат дресови со нетипични бои за Македонија.
Во полуфиналето конечно го сменија Ангеловски, а финалето е резервирано за дуел и пресметка со Горан Пандев.
Можеби најголемиот амбасадор на Македонија. Човекот кој ниту еднаш не ги премолчи интересите на македонскиот фудбал и народ.
Кој се повлече кога мешетареа едни, но се врати да и помогне на својата земја со желба конечно да се воспостави ред и систем.
Да не продолжеше да го крева својот глас пред неправдите на другиве и да знаеше да молчи, Пандев веројатно ќе останеше капитен до крај на квалификациите за Катар.
Да останеше Мрме и системот што создаде сплотеност и единство, веројатно Гранде повторно ќе не предводеше до успех.
Да ги интересираше успехот на македонскиот фудбал Милевски ќе најдеше начин да седне на кафе со Ангеловски во желба за континуитет на систем што функционираше, и зошто не и во желба да се премисли и врати Пандев во тимот.
Вака, излегува дека чаршијата е веројатно во право оти Гранде Пандев е следниот и единствениот што треба да е на чело на фудбалот во Македонија, како и дека гласот на народот стасува и ги плаши во ФФМ.
Зошто инаку би продолжувале со дискредитација на светскиот ас, користејќи го грејс периодот дека молчи оти не сака да и наштети на репрезентацијата како и фактот дека на крајот на оваа сезона Горан веројатно ќе ја заврши кариерата.
Со тоа, се надеваме и ќе проговори.
И ќе победи во битката за ФФМ и за македонскиот фудбал.
За своето семејство.
За сите нас.
П.С.
Повод за оваа колумна се двата срамни и сосема непотребни напади врз Пандев и екс селекторот
https://ekipa.mk/ekipa-intervju-deni-masev-nesoodvetnite-podgotovki-i-narushenata-distsiplina-pred-ep-ne-chinea-i-rezultat-na-evro-2020-sega-pochnuvame-so-nov-list-reprezentativtsite-se-zhelni-za-novi-uspesi/?fbclid=IwAR3NZx8G9wUQgeXIf6ekR0nr11Xk0303uEvtTeHJEP9m94-PGO5e306-KCU