Бројни анкети кои се правени во земјава неколку години по ред, покажуваат дека македонските граѓани најмногу сакаат да работат во државен сектор. За нив приватниот сектор не е атрактивен, затоа што сметаат дека приватните компании не нудат сигурност, високи плати и добри услови за работа. Повеќето граѓани би биле среќни кога тие или нивните деца би работеле во државно. Велат дека државната работа има многу предности. Додаваат дека во приватен сектор работниците не секогаш целосно ги искористуваат деновите за годишен одмор, а сметаат и дека има манипулации поврзани со исплатата на К-15.

„Во државно е поубаво за разлика од приватно. И да те избркаат, ќе тужиш, а во приватен сектор од денес за утре може да те избркаат и да ти речат да не доаѓаш на работа“, вели граѓанка.

Друг наш соговорник објаснува дека работниците во приватниот сектор се оставени на цедило. Наведува примери дека млади луѓе оделе на работа во приватни фирми, а потоа газдите не им исплатиле плата.

„Подобро е во државно, за стаж, за пензија во иднина, буквално за сè. Најдобро е да си пиете вода од државна чешма. Од тоа нема подобро“, вели Стојанче Спасевски, граѓанин.

Државно си е државно, се сложуваат граѓаните.

„Има многу проблеми во приватните фирми. Во приватен сектор работникот може да работи во сабота, недела, по 10, 12 часа на ден, така што не ми се допаѓа приватно, а во државно е посигурно“, рече Јовица Ивановски, граѓанин.

Но, сретнавме и граѓанка која работи во приватен сектор и е задоволна. Таа вели дека има приватни компании кои ги ценат работниците и тоа е за поздравување.

Зависи кај кој газда работите. Има газди кои ги чуваат и ги почитуваат добрите работници. Тоа многу ми се допаѓа  и ќе го поздравам.  Во државно, за да влезете ви требаат врски, а никогаш не сум била во партии“, кажа Роза Антевска, граѓанка.

Има истражувања кои укажуваат дека младите сакаат флексибилно работно време, работа од дома, односно да имаат повеќе слободно време.

Тоа мислење за приватниот сектор треба да се менува и мислам дека се менува. Посебно со мерките за самовработување, државата дава по 5.000, 10.000 евра и познавам луѓе кои излегоа од државен сектор, по што почнаа сопствен бизнис“, велат од Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово.

Но, посредниците кои обезбедуваат работа во Хрватска, раскажуваат дека имало примери кога нивни работници наоѓаат работа во јавен сектор и се откажуваат од одење на печалба. Овие примери не се чести, но сепак постојат. Објавени беа и анализи кои укажуваат дека младите или посакуваат работа во јавната администрацијата или да се иселат, а ако станува збор за работа во приватна компанија, би работеле во неколку влијателни компании во земјава.