Граѓаните приватно платиле над 18,6 милиони евра за ковид тестирања бидејќи немало термини во јавното здравство

Во услови на пандемија, поради необезбедување на повеќе термини во Јавните здравствени установи (ЈЗУ) и несклучени договори со Приватните здравствени установи (ПЗУ) за дијагностицирање на Ковид-19, не се обезбедени доволно здравствени услуги за осигурениците на товар на Фондот. Сметано по најниската наплатена цена од 1.400 денари по тест и направени 819.240 тестови за две години, од граѓаните во приватното здравство се прелеани повеќе од 18,6 милиони евра, се вели во Конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2020 година на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ).

Државниот завод за ревизија, исто така, изразува мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2020 година.

Според објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата на ниво на држава извршени се вкупно 1.962.489 тестови во 33 приватни и јавни лаборатории, од кои 1.337.238 се ПЦР тестови, а остатокот се брзи антигенски тестови.

Ревизорите нагласуваат дека е неопходно Министерството за здравство да преземе активности за обезбедување на потребните услови во ЈЗУ, како би се постигнала поголема конкурентност на јавното здравство во областа на вршење на кардиоваскуларно-хируршки здравствени услуги.

-Постои нерамномерен сооднос при вршењето на кардиоваскуларно – хируршки здравствени услуги во 2019 и 2020 година меѓу ЈЗУ и ПЗУ. Имено, Фондот има склучено договори со три ЈЗУ и две ПЗУ за што се исплатени 1.254.330 илјади денари од кои 95 отсто од услугите се вршат во ПЗУ. Најголем дел од услугите во ЈЗУ се извршени од ЈЗУ УК за државна кардиохирургија која иако располага со квалификуван кадар, ги нема потребните просторни услови, што неповолно влијае на обемот на вршењето на здравствената дејност, се вели во извештајот на ДЗР.

Со извршената ревизија, исто така, констатирани се и слабости во спроведувањето на интерните и теренските контроли при потврдувањето на објективноста на фактурираните медицински интервенции реализирани од ПЗУ.

– Поради здравствената криза во 2020 година бројот на теренски контроли кај здравствените установи е намален за 74 проценти со што се зголемува ризикот од признавање и плаќање на здравствени услуги во вид и обем различен од реално извршениот. Според презентираните информации, во 2020 година извршени се вкупно 83 контроли кај здравствени установи, наспроти 472 во 2019 година, констатираат ревизорите.

Најмал број контроли, ДЗР констатира дека се извршени кај здравствените установи од болничка здравствена заштита, чии договорни надоместоци се највисоки, а кај истите се утврдени неправилности во 85 отсто случаи.

Во постапките за упатување за лекување во странство на осигурените лица не е обезбедена соодветна правна заштита и контрола, ниту пак систем на следење и анализи на успешноста на лекувањето.

– Фондот има евидентирано аванси за лекување во странство дадени на странски здравствени установи во износ од 209.772 илјади денари, за кои нема точни информации за статусот на лекувањата поради необезбедена документација, се вели во извештајот на ДЗР.

Во делот на Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет ревизијата обелоденува за начинот на плаќање на извршените услуги на здравствените установи, укажувајќи дека не е обезбедено вистинско купување на услуги предвидено со Законот за здравствено осигурување.

– Истовремено во овој дел се потенцираат и состојбите настанати кај ЈЗУ како резултат на здравствената криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19 во 2020 година. Имено, во 2021 година 106 од вкупно 116 ЈЗУ имаат добиено статус на неодржливи поради реализиран значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок, констатираат ревизорите.

Од ДЗР, исто така, констатираат дека отпочнати се активности за воведување електронски рецепт преку ИТ системот на Фондот, без координација со Министерството, кои не се целосно реализирани. Тие, посочуваат дека постои потреба Министерството за здравство и Управата за електронско здравство во координација со Фондот, имајќи ги предвид одредбите од Законот за евиденции во областа на здравството, да ги преиспитаат економичноста, ефективноста и ефикасноста на примената на член 28-а од Законот за здравствено осигурување со кој се воведува електронски рецепт преку ИТ системот на Фондот и да се разгледа можноста за искористување на капацитетите на постојниот систем за препишување и издавање лекови на рецепт со истовремено воспоставување контролни точки кои ќе обезбедат плаќање на подигнати лекови единствено врз основа на реално и законски пропишани рецепти од овластени лекари.