Градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, вчера изјави дека не очекува инциденти околу најацвеното отворање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“.
Според него, ако и има провокација, тоа нема да биде на официјалните власти, ќе биде присутна полицијата и ако има индиции за антидржавно дејствување, ќе се реагира.
Во врска со присуството на Мицкоски и Апасиев, градоначалникот рече дека не очекува официјални лица, зашто нема официјален настан, а секој кој ќе дојде е добредојден и ќе биде во функција на граѓанин, а не како политичар.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија присуство на нивна делегација на отворањето на клубот, а присуство најавија од партиите Левица и , според Павле Трајанов, и од Демократскиот сојуз.
Според дел од бугарските медиуми, полицијата во Благоевград презема мерки за да спречи ескалација в недела, затоа што бугарската ВМРО најави протест, а се очекува навивачите да прослават 100 години од фудбалскиот тим „Пирин“ .
Од бугарското МНР, пак, сметаат дека има обид на опозициските партии во Македонија да предизвикаат тензии во односите меѓу Софија и Скопје и ги повикаа луѓето од Благоевград да реагираат смирено и да не потпаѓаат на провокации.
„Очигледно е дека станува збор за дефокусирање на вниманието на јавноста од борбата за правата на Бугарите во Македонија. Физичко лице што се претпоставува како дел од непостојна невладина организација изнајмило простор од друго физичко лице. Семејството на Никола Вапцаров е вознемирено од фактот што името на поетот се користи за таква провокација. Тие не дале дозвола да се користи името и ја нагласуваат бугарската етничка припадност на поетот“, изјави бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев.
На отворањето на клубот нема да има претставници од македонските власти, затоа што, како што објасни вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, „отворањето клубови во двете земји на ваков начин не е во корист ниту на македонската заедница и не е во функција на добрососедските односи“. Ова мислење министерот го поткрепи со податокот дека финансиерот на клубот има анти-НАТО расположение.
„Кога дознав кој го финансира клубот, ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратегиските интереси, ќе видите дека не е во функција на тие стратегиски интереси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Тоа што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера“, рече Османи.
