Становите во Скопје нема да поевтинат во догледно време. Цените можат да останат исти или да продолжат да се зголемуваат. За 3 години становите поскапеле за дури 20%. И покрај повисоките цени, пандемијата и енергетската криза, потрошувачката не спласнала. Напротив, од консултантската куќа за недвижности „Фортон Македонија“ велат дека за најголем дел од граѓаните купувањето на стан останува најсигурна и најатрактивна инвестиција, а тоа го покажува и растот на станбените кредити од 15% за една година.. Во последно време се забележува поевтинување на дел од градежните материјали, претежно железото, но и покрај тоа се очекува цените да го задржат високото ниво.

„Цените на становите никогаш нема да се намалуваат. Едноставно само пазарот ќе се сегментира во премиум станови на живеење. Ќе имаме само поголема сегментација. Центар и Карпош секогаш ќе бидат по таа цена и ќе растат можеби побрзо, но тоа е поврзано повторно со понудата. Тука веќе се истрошени земјиштата кадеешто можат да се градат нови станови“ – вели Олга Дервенџи од Фортон Македонија.

Цените се зголемиле исклучиво поради поскапените градежни материјали и зголемената побарувачка. Од Фортон велат дека можна е промена единствено на локациите каде ќе се гради. Просторот се стеснува во Центарот и населбите близу до него, па се очекува поголем интерес за подалечните населби. Само во Скопје, лани се продале 4.500 станови. Од нив, 65% се во Аеродром и Карпош. Просечната цена на метар квадратен без разлика дали се работи за стар или нов стан е најголема во Центар 1.274 евра, по што следи Карпош со просек од 1.226 евра. Поскапување на становите се забележува и во помалите градови. Причините биле старите ДУП-ови и недостатокот на градежно земјиште.

Извор: Алфа.тв