Директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“ најави дека автобусите на линиите кои не сообраќаа денеска, нема да сообраќаат ни утре, а за другите линии ќе се одлучи по средбата со превозниците.
Според директорот Ленин Јовановски не е постигнат договор помеѓу „Слобода превоз“ и Град Скопје и покрај долгиот и напорен состанок.
„Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот се’ уште не е поминат и единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет“„, изјави Јовановски по средбата со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.
Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, денеска не возат поради заостанат долг од Град Скопје кон приватниот превозник.
