Господине Слави Трифонов, во Македонија никој не сака јавно да одговори на вашите бескруполозни навреди и садистички оргии врз чувствата на македонскиот народ. Можеби не сакаат да ве признаат за сериозен иако имате прилично големо влијание во бугарскиот јавен и политички живот. Влеговте во Владата на република Бугарија, повеќе не сте само славен телевизиски водител туку сте и „играч“ од кого зависат многу нешта во нам соседната земја. Со тоа станавте фактор и затоа игнорирањето на вашите невоспитани провокации веќе не претставува мудрост туку глупаво ставање на главата во песок за да не и се погледне во очи на реалноста која неумоливо доаѓа од исток. Во Новата година влеговте со уште подрски пораки од оние кои ни ги упатувавте во претходната. А откако вашите коалициски партнери во бугарската Влада немушто се оградија од вас, решивте да се дообјасните и, во слободен превод од бугарски, го напишавте следново:

„Северномакедонците треба да ги признаат своите историски бугарски корени. Тоа е услов за кој не може да се преговара. А за нашите партнери во НАТО и ЕУ – кога толку многу сакате да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, како што сакате да ви бидеме партнери – без визи во САД и веднаш во шенген зоната.
Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно“.

Е па во ред. Јас не сум политичар, нешто малку сум телевизиски водител, не толку славен како вас, се разбира, но не можеме сите да бидеме совршени, нели. Па сепак, како колега по „умување“ на телевизија, и како Србин ама граѓанин на Република Македонија ви одговарам на вас граѓанинот на Република Бугарија: Не може! Огромното мнозинство на моите сограѓани се чувствуваат како Македонци а не како Северномакедонци. И истото тоа огромно, да не речам апсолутно мнозинство Македонци не може да ја прифати лагата дека има бугарски корени. Нема, па тоа ви е. Не затоа што се инаетат, не затоа што така ги научил Тито, туку затоа што имаат доволно историско паметење, доволно научни докази и што е најважно, чиста и искрена македонска самосвест која не им дозволува да прифатат дека се нешто што некој друг им го наметнува како уцена за оваа или онаа привилегија. И воопшто не е важно дали вие во случајов само се обидувате да лечите ваши лични комплекси или сте ја добиле улогата на лошиот полицаец во смешната балканска сапуница. Едноставно, прифатете еднаш засекогаш дека не можете да му направите политички, историски и емотивен инженеринг на цел еден народ па колку сака нека е тоа „најромантичниот дел од бугарската историја“.

Овде никој нема ништо против Бугарија и Бугарите. Хуморот ви е неодолив, Азис ви е кич, но тука се во прашање вкусови за кои нели, не се дискутира. Ама ова што го правите не е вкусно, напротив, гадно е, грдо и бедно. Затоа олабавете малку. Всушност олабавете повеќе. Решавајте си ги проблемите со сиромаштијата во вашата земја, со пеколната корупција, со масовното иселување во западна Европа. Дури, сметам дека вашето барање за безвизен режим со САД и влез во Шенген зоната само ќе ви наштети бидејќи, кога тоа би ви го исполниле Вашингтон и Брисел, Бугари ќе се појават од Хаваи до Аљаска и од Даблин до Виена на секој агол, само во Бугарија ќе ви останат премалку за да можете да функционирате како нормална држава. Сепак, тоа си е ваша работа и ние не ви се мешаме. Немојте ни вие да ни се мешате. Значи, Трифонов Слави, стварно, ама стварно фак оф и дај олабави. Превод од скопски ќе најдете на Гугл.

Без почит, Драган Милосављевиќ граѓанин на Република Македонија