Адвокатот Александар Тортевски за денеска најави отворен состанок на иницијативниот одбор на „Твоја партија“ во основање на која ќе бидат презентирани основните програмски цели. Новата политичка платформа наречена Македонски концепт ја најавуваат главно поранешни и актуелни членови на ВМРО-ДПМНЕ.

„Твоја партија“ на Тортевски, кој е еден од иницијаторите и привремен портпарол, најавува дека партиската платформа „ќе биде нешто спектакуларно во Македонија“, сосема различно од постојните султан-партии.

Тој интервју за неделникот „Фокус“  , изјави дека иницијативата главно тргнала од твитер заедницата, „добронамерни луѓе, кои ниту бараат позиција, ниту бараат функција, значи многу реализирани луѓе со принципиелни ставови, кои се против партиски вработувања, против тајкуни да добиваат тендери, кои се залагаат за систем со комплетна одговорност, кои едноставно сакаат Македонија конечно да стане пристојна држава“.

Сашо Лазаровски е еден од застапниците на новата политичка платформа Македонски концепт, која деновиве почна да се промовира во јавноста. Тој е поранешен економски промотор на Агенцијата за инвестиции на Република Македонија, поранешен директор на ЈП „Водовод и канализација“ и поранешен заменик-министер за локална самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ. Лазаровски е член на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и советник во општина Карпош.

Во интервју за „Фокус“ тој изјави дека крајната мисија на Македонскиот концепт е на идните поколенија во наследство да им се остави држава, слобода и пари.

Извор: МКД.МК