Голема Албанија не(ка) ви ги храни децата – Пишува Роберт Димитриевски

Да не си Албанец во Македонија. Наближат ли избори, ама баш сите партии од т.н. албански политички блок играат на истата карта. Голема Албанија. Не, не се толку неопитни за да го кажат тоа отворено, но пораките што ги испраќаат и иконографијата при нивните настапи се сведуваат на (велико)албански национализам. Разликата е само во тоа кој колку порадикално ќе звучи и ќе изгледа пред електоратот. И колку ќе го надвика конкурентот и ќе го обвини за предавство на националните идеали.

Али Ахмети, на пример, од отворањето на меморијалниот центар на УЧК во Сопот ќе порача дека тие избрале Албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари во оваа земја. И апсолутно е во право за последното. Наместо правична застапеност во јавната администрација, според Охридскиот договор, само дваесетина години по крвавиот воен судир во 2001 година речиси половина од министрите и од замениците во Владата се Албанци, ДУИ практично раководи со неа и со „помалиот“ партнер СДСМ преку Груби, Џафери е собраниски спикер, сто дена пред избори ќе имаат и премиер, а Пендаровски стана претседател токму со нивните гласови. Згора, речиси фифти-фифти е распределбата и на функциите во судската власт, во државните и во јавните претпријатија итн.

Што вели алтернативата на „зелените“ од Мала Речица? За Касами, да речеме, српското малцинство во Косово имало далеку поголеми права од Албанците „како втор мнозински народ“ (?!) во Македонија. Како такви, морале да бидат почитувани така што, ако се изведувала државната химна во училиштата, требало да се интонира и албанската, ќе порача лидерот на Беса.

„Има две можности: или државната химна и другите симболи да ја рефлектираат реалноста или, ако се интонира химната која Македонците ја чувствуваат како своја, тогаш во општините каде мнозинство се Албанците, да се инторнира химна која Албанците ја чувствуават како своја“, објаснува тој, не посочувајќи друг таков пример во светот. Зошто нема таков.

Нему не му пречеше знамето на Голема Албанија кога го пречека Курти, ниту тоа на плочата во Сопот, заборавајќи дека го победи ДУИ и стана градоначалник на Тетово благодарејќи на гласовите на Македонците, со кои неговата партија има и мнозинство во општинскиот Совет.

И што постигнаа и едните, и другите со иритирањето на мнозинскиот македонски народ и на останатите неалбанци во државата? Им направија услуга на Албанците? Им го подобрија животот, стандардот? Ги направија посреќни?

Наместо одговор, доволно е само да се помине низ селата во западниот дел од Македонија со мнозинско албанско население. Огромни јарболи, бандери, дури и фасади со албански знамиња, а замандалени ќепенци и порти на раскошни куќи без жители, кои заминале „трбухом за крухом“ по белиот свет.

Сопругата на ексградоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, би рекла „сега Голема Албанија нека ви ги храни децата“. А секој здраворазумен би заклучил дека мавањето во гради служи само како параван зад кој се товарат магарињата додека сè повеќе „неснаодливи“, меѓу нив и Албанци, се туркаат пред авионите и автобусите со билет во еден правец. За да ги нахранат децата.

Празнењето на Македонија и запретувањето на родните огништа ако не го вклучат алармот и кај Албанците, тогаш нема надеж ни за нив. Прашањето е дали можат нивните политички претставници на своите избирачи конечно да им понудат нешто друго освен мапи, знамиња, агресија кон поинаквите од себе и приказни за мали деца. Можат ли најпосле да понудат економска програма, конкретни решенија за корупцијата, за „распупеното“ судство, за образованието, здравството, локалниот развој. Најсетне, можат ли да дадат способни и одговорни кадри за раководните места, наместо такви чиј најголем, ако не и единствен „квалитет“, е што се Албанци. Со соодветна партиска книшка.

Аман веќе со празни муабети за големи држави, и тоа во земја-членка на НАТО, или за божемна обесправеност наспроти реалноста. Како што велеше своевремено редовен учесник по телефон во контактни емисии на тукашните телевизии, доста демагогија – дајте економија.