Македонскиот фудбалски интернационалец Александар Трајковски беше централна фигура во тимот на Ал Фејха, кој славеше со 3:0 пред своите навивачи против Ал Фатех во Премиерлигата на Саудиска Арабија.
Триесетгодишниот напаѓач прво асистираше за вториот гол на Ал Фејха во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме, а во петтата минута од надополнувањето на времето на крајот од мечот го лобуваше од 40 метри истрчаниот гостински голман Јакоб Рине од Шведска.
За вториот стрелец во историјата на репрезентацијата на Македонија со 21 гол ова е трет погодок за Ал Фејха сезонава, а тој е и најдобро оценетиот поединец на мечот со Ал Фатех, за кој доби оценка 8,5.