По повеќедневно сурово мачење од бугарската полиција, без судски процес, на 4 јануари 1943 година во скопскиот затвор се убиени македонските партизани Мирче Ацев и Страшо Страхил Пинџур, прогласени за народни херои во 1945 година.



Мирче Ацев, роден во прилепското село Ореовец на 20 октомври 1915 година, пораснал во револуционерно семејство, кое во неколку генерации дало борци за националното ослободување на македонскиот народ. Името го добил по стрико му Мирче Ацев, војвода од времето на османлиското владеење во Македонија. И неговата сестра Вера Ацева е учесник во Народноослободителната војна и е прогласена за народен херој.

Страшо Пинџур, пак, е роден на 3 март 1915 година во Ваташа.

На двајцата во скопскиот затвор со клешти им ги корнеле ноктите, им ги сечеле прстите и им кинеле месо од телата. Соочени со гневот и со револтот на блиските на Ацев откако на неговиот погреб го виделе искасапеното тело, „тогашниот бугарски фашистички окупатор“ никогаш не го покажал телото на Страшо Пинџур. Тоа било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 година, во кој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.

„На денешен ден во 1943 година после сурово измачување од тогашниот бугарски фашистички окупатор убиени се македонските херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур. Ова не е политика, туку гол факт. Нивната борба беше продолжување на борбата на Илинденците, а нашата денешна слобода е цутот на тој пркос. Ден кога треба да се потсетиме колку е скапа слободата и колку е важна вистината. Слава им!“, објави на Твитер лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешен ден пред едан година.