Денеска се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Чествувањата под мотото „Писмото е нашиот универзум“ почнаа вчера со свечена академија во Филхармонија и концерт во црквата Св.Софија во Охрид.
Во хотел „Инекс Олгица“ денеска ќе се одржи панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет” на која воведен збор ќе има премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе биде положено цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид.
Делегација на македонското Собрание, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, во состав Жаклина Лазаревска, Лазе Таневски и Лидија Петкоска, претпладне ќе положи венец свежо цвеќе на споменикот на „Св. Кирил и Методиј“ на плоштадот во Охрид.
Централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, е напладне на Плаошник.
Светите Кирил и Методиј иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Св. Кирил на 27/14 февруари и на Св. Методиј на 19/6 април, но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник.
Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.
