Го мести ли некој судијата во „Шамарите од Центар“ да донесе „купи ден-помини“ пресуда?

Завршните зборови на одбраната во случајот за протестите пред општина Центар од 2013 година уште еднаш ги изложија на виделина сите апсурди во овој случај, кои се навистина бројни и тешки, исклучително комплицирани за објаснување на луѓе кои не го следат случајот темелно.

Апсурдите се случуваат во ситуација кога најмалку две странски организации со цел да пренесат во Брисел во детали ги следат најкрупните но и помали судски процеси каде има сомнеж за политички реваншизам и партиско влијание врз обвинители и судии.

Во име на вистината и фактите, наводните реформи во правосудството и евро-аспирациите на Македонија, ќе се обидеме да ги сублимираме што поконцизно сите “чудни” детали од случајот “Шамарите во Центар” со цел јавноста да биде подобро запознаена што се случува во македонските обвинителства и судови, преку експликација на товарот кој денес му се става на неодминливиот и веројатно најчестиот посетител на СЈО-судењата, Миле Јанакиески.

Во случајот за протестите пред Општина Центар од 2013 година меѓу провладините портали промовиран и како „Шамарите во центар“ кои никогаш (за среќа) не се случија, првичното обвинение го товари Јанакиески за давање насоки кон советникот Томислав Лазаров од ВМРО-ДПМНЕ и екс-пратеничката Даниела Рангелова, кои пак понатаму ги проследувале насоките како наредби кон толпата која протестира со цел истата да биде поагресивна во протестите.

Во меѓувреме Лазаров признава вина по ова обвинение, според многумина тогаш протолкувано како согласност за „соработка“ со СЈО со цел да си ја спаси кожата од фабрикуваното обвинение – а цената која треба да ја плати е да ја признае вината и да сведочи „во насока“ на она што обвинението „би го побарало“ од него.

Токму затоа во некои кругови, поради сомнежот за изнесени лаги за личен спас Лазаров беше познат и како „Нинџа 2“, алудирајќи на познатиот и чест сведок кој често прави дилови со непринципиелното обвинителство да дава лажни искази за да се осудуваат посакуваните таргети, а тој да се спасува или да добива помали казни.

Но, иако признава вина по ова обвинение (дека добивал насоки и ги пренесувал до оние кои протестирале), Лазаров на суд кажува нешто сосема поразлично – дека никогаш не добил насоки за насилство, дека никогаш не се зборувало за агресија и насилство на протестите и дека никому не пренесувал наредби.

После овој исказ на Лазаров, обвинителството реши да ја ослободи од обвинение Даниела Рангелова, но не и Миле Јанакиески, за кого побара максимална казна.

Односно, од исказот на Лазаров (различен од признанието на вина) правосуден „ќар“ виде само Рангелова за која според Обвинителството немало докази туку само перцепција за вина, а за Јанакиески за кого исто така Лазаров негира дека му давал насоки за насилство, ОЈО е на став дека треба да добие максимална казна.

Дополнителен апсурд е што според судската пракса исказ на учесник во процес кој признал вина за истиот не смее да биде темел на пресуда од страна на судот, а Лазаров е токму таков човек.

Во меѓувреме на Јанакиески од нејасни причини му беа одбивани сведоци и изведување материјални докази, првообвинет е Никола Груевски кој е недостапен за органите на прогонот, а човекот со кого Лазаров признава дека комуницирал, Кирил Божиновски е еден од оние на кои му застарело делото, па сега „самарот“ по метод не на докази и факти, туку по метод на елиминација на останатите можни, му се паднал на Јанакиески и преку него ОЈО одлучило да докажува дека „има правда во Македонија“.

„Ако бев виновен немаше да го издржам притисокот, ќе признаев вина и ќе замолев за помала казна… но јас денес пред вас, судија, барам правда и да ме судите според факти, како прв пат да ме гледате пред вас и да не ме познавате, а не како човек кој со години преку пропаганда беше оцрнуван како ѓавол“, рече денеска Јанакиески.

Имајќи ги предвид сите повреди на постапката, како и флагрантното кршење на правата на обвинетиот, двојните стандарди од кои не се срами Обвинителството и гласините за силен притисок кон многу судии „по секоја цена“ пред нова година да носат пресуди за случаите од екс-СЈО… се поставува логичното прашање: дали некој „го мести“ судијата Душан Јосифов да донесе пресуда која за владеачката партија ќе има „дневна корист“ и ќе служи за фалбаџиство дека „се средувало судството“? За неколку години од денес кога ваквите апсурди во судот под притисок на ЕУ сигурно ќе бидат ревидирани, оние кои ги „нарачувале“ највероватно јатно ќе останат затскриени, а јавноста ќе ги знае оние кои ги извршувале нарачките.

Колку македонски судии тогаш ќе се најдат на ѕидот на срамот? Или можеби ќе бидат и „расчинети“, како што е праксата кога Стразбур ќе утврди силни повреди во постапките – а жртвите на прогонот од СЈО и македонското (не) правосудство несомнено своите права ќе ги бараат во европските судови?